Почитувани,
Како што беше најавено, оваа година во организација на СММ, ќе се одржи Првата Македонска Економска Олимпијада МЕО 2023. Минатата година по две извршени селекции, нашата држава за прв пат испрати тим на Меѓународната економска олимпијада ИЕО. Од оваа година МЕО ќе биде основа за селекција на тимот кој ќе ја претставува Македонија на меѓународната олимпијада. По истиот принцип како и за останатите олимпијади во организација на СММ, на учениците согласно веќе објавениот правилник за МЕО, ќе им бидат доделени медали и пофалници, а најдобрите петмина ќе ја претставуваат Македонија на ИЕО 2023, во Волос, Грција.
Ги молиме заинтересираните ученици, преку своите училишта и ментори, да се пријават заклучно со 25 мај 2023, пополнувајќи го закачениот ексел документ и истиот да се испрати на е-маил адресата agacovska@gmail.com.
Првата МАКЕДОНСКА ЕКОНОМСКА ОЛИМПИЈАДА ќе се одржи на 31 мај 2023 (среда), во просториите на Природно-математичкиот факултет, со почеток во 10 часот.
Во прилог се темите по кои учениците треба да се подготвуваат за олимпијадата. Препорачаната литература е по препорака и на ИЕО и истата се користи и за подготовки на меѓународната олимпијада.
Теми од економија
1. Капиталистичка револуција
2. Технологија, популација, и раст
3. Недостиг, работа, и избор
4. Социјални интеракции
5. Сопственост и моќ: заемни придобивки и конфликт
6. Теорија на фирма: сопственици, менаџери, и вработени
7. Фирма и клиенти
8. Понуда и побарувачка: преземање на цени и конкурентни пазари
9. Пазар на труд: плати, профити, и невработеност
10. Банки, пари, и кредитен пазар
11. Ренти, поставување на цени, и динамика на пазарот
12. Пазари, ефикасност, и јавна политика
13. Економски флуктуации и невработеност
14. Невработеност и фискална политика
15. Инфлација, невработеност, и монетарна политика
Теми од финансиска математика и финансии
1. Управување со приходи и трошоци (фиксни и варијабилни трошоци, трошење, основно сметководство)
2. Инвестиции (основни поими, планирање, фондови, пензиски заштеди)
3. Сопствени бизниси со едноставни калкулации (даноци, ризици, бизнис план)
4. Сложена камата
5. Заеми
За подготовка на МЕО ги препорачуваме следните учебници:
· The Economy – сеопфатен, слободно достапен е-учебник по економија (или која било литература што ги третира обработените теми во The Economy на слично ниво),
· Математика за економисти за III и IV година за економски техничар од авторите К. Тренчевски, А. Гацовска, Н. Ивановска, Ј. Тренчева Смилески (или која било литература што ги обработува темите: проста и сложена каматна сметка, валути и девизи, заеми)
Посебен акцент ќе биде ставен на логичко расудување и примена на математички знаења во решавање на проблеми од економија и финансии (во таа смисла, корисно е учениците да имаат основни математички знаења – на ниво на наставните планови и програми по математика во четиригодишните средни училишта)
Може да ги видите и прашањата од минатогодишните тест1 и тест2 за селекција, со напомена дека оваа година прашањата на МЕО во најголема мера ќе ги следат принципите на ИЕО. Тестот ќе содржи 20 прашања од областа на економијата и финансиите и 5 отворени прашања со полни одговори и анализа. За повеќе информации може да ја посетите страната https://ecolymp.org/ .
Ве очекуваме!
Ваш СММ