Почитувани,
Со неизмерно задоволство, ја споделуваме со вас веста за одличниот успех на нашите девојки, постигнат на EGMO 2022. Македонската екипа повторно ги надмина досегашните тимски резултати, а во поединечна конкуренција резултатите на девојките се следните:
- Јасна Илиева – бронзен медал
- Марија Атанасова – бронзен медал
- Емилија Николовска – пофалница
- Ивона Зикова – пофалница
Подетално за организацијата на EGMO 2022, задачите и резултатите овде.
EGMO 2022 се одржа во периодот 6 – 12.04.2022 во градот Егер, на 140 km од Будимпешта, Унгарија. По две години натпревари онлајн, оваа година организаторот Bolyai János Mathematical Society и Eszterházy Károly Catholic University смогнаа сили и беспрекорно го организираа натпреварот во живо. Дел од тимовите по сопствена одлука беа и годинава онлајн, но со таквата одлука беа и надвор од официјалната конкуренција. На ЕГМО оваа година учествуваа вкупно 222 девојки, од 57 држави, од кои 123 натпреварувачки од 31 европска држава. Нашиот тим го освои го 17-тото место во екипен пласман. Водач на тимот беше Анета Гацовска Барандовска, а заменик водач Ерблина Зеќири.
Со натпреварувањето во живо, се врати сјајот и убавината на ваквите натпревари. Одново, на натпреварувачките им беше овозможено да ги прошират своите познанства, да се дружат, да разменат искуства и да запознаат дел од убавините на домаќинот – Унгарија.
Честитки и благодарност до комисијата за меѓународни натпревари и групата млади ентузијасти кои директно учествуваа во подготовките на нашата екипа и на тој начин го овозможија овој успех.
Проф. Анета Гацовска-Барандовска,
Водач на МКД тимот на ЕГМО 2022
Дел од атмосферата низ фотографии