Трето-дополнето соопштение за Седмиот македонски математички конгрес

Почитувани колеги,

Ни претставува посебно задоволство да Ве поканиме на VII Македонски математички конгрес, во организација на Сојузот на математичарите на Македонија. 

Конгресот ќе се одржи во Хотел Дрим, Струга, во периодот 27 –30 јуни, 2023 година.

Ова е одлична можност за истражувачи од различни области на математиката да дискутираат за напредокот во науката, да споделуваат идеи и да ја промовираат меѓународната соработка.

Програмата на Конгресот ќе опфаќа пленарни предавања и кратки соопштенија, коишто ќе бидат организирани во следниве секции:

1. Реална, комплексна и функционална анализа, диференцијални равенки;
2. Алгебра и дискретна математика;
3. Топологија и динамички системи;
4. Геометрија и диференцијална геометрија;
5. Веројатност, статистика и применета математика;
6. Методика на наставата по математика.

Официјални јазици на Конгресот се англиски и македонски. Учесниците од Секциите 1-5 имаат можност да ги објават своите трудови во најстарото македонско математичко списание, Математички Билтен (MathSciNet, Zentralblatt für Mathematik, Реферативный журнал математика, EBSCO), а учесниците на Секцијата 6, во Зборник на трудови од VII Конгрес.

Во текот на Конгресот ќе се одржи обука за наставниците од основното и средното образование на следнава тема: СТРАТЕГИИ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА КРЕАТИВНОСТА ВО НАСТАВАТА ПО МАТЕМАТИКА

Наставниците од основното и средното образование ќе имаат можност да земат учество и на работилница со наслов – Како се тестираат тестови?

За универзитетскиот кадар и студентите на втор и трет циклус на студии ќе се организира работилница со наслов – Вовед во анализа на податоци и моделирање.

Сите учесници се добредојдени на тркалезната маса на тема – Научни и професионални организации од интерес на математичарите.

Панел дискусиите ќе се водат на теми околу предизвиците во образованието по математика.

Повеќе информации за VII Конгрес може да најдете на официјалната интернет страна на конгресот:  https://congress.smm.org.mk и во третото соопштение.

Ве очекуваме!

Со најубави желби,
Организациониот одбор на VII Македонски математички конгрес