Согледувања од ИМО 2022

Годинава најпрестижниот светски математички натпревар, 63. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2022), се одржа во Осло, Норвешка, во периодот 6-16 јули. Млади умови од целиот свет се натпреваруваа во решавање на шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена. Магичниот број (целосно решение) кон кој се стреми секој од натпреварувачите изнесува 7 (поени по задача).

За македонските натпреварувачи на ИМО 2022, Сојузот на математичари на Македонија (СММ) организираше четири неделни подготовки (во периодот 9. јуни – 5. јули) на кои репрезентативците разработуваа напредни теми и техники на решавање на проблеми од математичките области: комбинаторика, теорија на броеви, геометрија и алгебра.

Веруваме дека ваквиот сериозен пристап им помогна на македонските репрезентативци за овогодинешните извонредни резултати. Шесте брилијантни млади македонски математичари освоија два сребрени медали, два бронзени медали и две пофалници, што е исклучителен успех за нашата земја. Екипно се пласираа на 39. место во конкуренција од 104 земји.

Еве ги имињата на овие наши ЗЛАТНИ деца:

  • НИКОЛА СПИРОВСКИ (сребрен медал; со освоени 29 поени = 7+7+1+7+7+0) 
  • ДАМЈАН ДАВКОВ (сребрен медал; со освоени 29 поени = 7+7+0+7+7+1) 
  • БЛАЖЕ СУКЛЕВСКИ (бронзен медал; со освоени 27 поени = 7+6+0+7+7+0) 
  • ЈАН СТОЈАНОВСКИ (бронзен медал; со освоени 24 поени = 7+7+0+7+3+0)
  • АЛЕКСИЈ ТАСИЌ (пофалница; со освоени 21 поен = 7+0+0+7+7+0) 
  • ЈАСНА ИЛИЕВА (пофалница; со освоени 18 поени = 7+3+0+7+1+0)

Овогдинешната македонска екипа постави нови стандарди на успешност во сите релевантни ИМО параметри:

  • освоени одличја,
  • вкупен број на освоени поени (148п),
  • број на освоени 7ки (вкупно 19),
  • тимски максимум на освоени поени на две од задачите (првата задача од комбинаторика и четвртата задача од геометрија).

Со вакви маестрални млади умови иднината на нашата земја секако ќе биде светла!
Успехот на овие натпреварувачи е успех за целата татковина!
Им честитаме на добитниците и им посакуваме уште многу идни академски достигнувања!

Тие ги имаат потенцијалот, желбата и амбицијата во изобилство!

Ваш СММ!