На 5 декември 2020 година се одржа последниот ден со предавања на Есенската математичка школа 2020 во организација на Сојузот на математичари на Македонија. Во текот на седум саботи, над 200 ученици од основните и средните училишта ги следеа предавањата преку платформата за е-учење на ФЕИТ, решаваа задачи, пишуваа домашни работи – работеа математика. Наставата ја спроведуваа девет професори, Ирена Стојковска, Петар Соколоски, Марија Михова, Анета Гацовска-Барандовска, Билјана Начевска-Настовска, Елена Хаџиева, Соња Геговска-Зајкова, Јасмина Маркоска и Катерина Хаџи-Велкова Санева, а за техничката поддршка беа одговорни Ристо Чавдарoв и Марко Димовски. Повеќе информации за Есенската математичка школа 2020 ќе најдете на следниот линк: https://smm.org.mk/matematicki-skoli/esenska-matematicka-skola-2020/.
Последниот ден од предавањата беше спроведена анонимна анкета меѓу учениците, во која учениците имаа можност да го изнесат своето мислење за работата на Есенската математичка школа 2020. Над 100 ученици одговорија на анкетата. Вкупната оценка за Есенската математичка школа 2020 е одлична, и за изборот на темите, и за предавањата и за организацијата. Учениците можеа слободно да го изнесат своето мислење, така добивме и одговори во кои си ги препознавме и пропустите кои сме ги направиле, и кои ќе ни послужат за подобра организација на следната математичка школа.
Издвоивме дел од пристигнатите одговори на прашањето „Што најмногу ти се допадна, а што не ти се допадна на часовите?“:
„Многу ми беа интересни часовите, многу нови работи научив, но повеќе би сакала да бевме физички на часови.“, ученичка од 4 одделение
„Ми се допадна што наставникот сите не прашуваше. И научив многу нови работи. Не ми се допадна што паузите беа кратки и на часовите многу пишувавме.“, ученик од 5 одделение
„Најмногу ми се допадна тоа што научив многу нови работи и начини за решавање.“, ученичка од 6 одделение.
„Најмногу ми се допадна тоа што темите беа убаво избрани, материјалот убаво предаден и имаше многу нови и корисни информации кои ги научив.“, ученик од 7 одделение.
„Ми се допадна убавата, забавна атмосфера на часовите и начинот на предавањето на лекциите. Јас немам замерки.“, ученик од 7 одделение.
„Ми се допадна начинот на предавање и тоа што наставничката може да црта и да ни објаснува исто како на вистински часови“, ученичка од 8 одделение.
„Се е прекрасно. Најмногу ми се допаѓа посветеноста на професорите кон учениците.“, ученичка од 9 одделение.
„(Најмногу ми се допадна) посветеноста на професорката, нејзината подготвеност на часот, фактот дека цело време од часот е искористено за поука, изборот на задачи – интересни задачи кои го привлекуваат вниманието.“, ученик од 1 година.
„Многу научив, а и професорката беше многу добра.“, ученик од 2 година.
„Најмногу ми се допадна решавањето и дискусијата на задачите за време на часовите и тоа што се стекнав со повеќе знаења, единствената забелешка ми беше тоа што за жал годинава немавме можност да ги посетуваме часовите во училница како претходната година.“, ученичка од 3 година.
„ Убаво организирани онлајн часови, многу задоволен сум од професорката и избраната тема. Би сакал повеќе групи наменети и за натпреварувачи. Домашните беа супер.“, ученик од 4 година.
Дел од одговорите на прашањето „Што ти се допадна, a што не ти се допадна од организацијата на школата?“ се:
„Ми се допадна дека и онлајн добро си поминуваа часовите, а не ми се допадна што е само во есен.“, ученик од 4 одделение.
„Ми се допадна што имаше направено платформа за домашна и предавања, а не ми се допадна што не можеше да биде со физичко присуство.“, ученичка од 5 одделние.
„Ми се допадна што имам лесен пристап кон материјалите од часовите.“, ученичка од 6 одделение.
„Организацијата беше одлична. Бевме навремено и целосно информирани за сите активности и информации за ЕМШ.“, ученик од 6 одделение.
„Ми се допадна што бевме организирани во групи од помалце деца.“, ученичка од 7 одделение.
„ И изминатата година имав желба да се вклучам во следењето на часовите на вашата школа, но бидеќи живеам во Охрид не бев во можност да се вклучам. Во ова време-невреме преку онлајн наставата ми се исполна желбата. Се надевам дека ќе продолжите на ваков начин да ни овозможите да е посетуваме вашата настава и ние кои не живееме во Скопје. Организирањето во помали групи ни овозможи често да бидиме интерактивни сите членови од групата и тоа по повеќе пати.“, ученик од 8 одделение.
„ Ми се допадна организацијата иако наставата беше online. Но, јас бев учесник на оваа школа и минатата година и многу повеќе ми се допадна наставата со физичко присуство.“, ученичка од 9 одделение.
„Ми се допадна точноста на траењето на часовите. Исто така ми се допадна и тоа што платформата работеше целовреме и немаше никакви технички проблеми.“, ученичка од 1 година.
„Школата е според мене добро организирана и многу ми се допадна успешното приспособувањето за онлајн настава.“, ученик од 1 година.
„Мене ми се допадна начинот на организација на школата, немаше некои технички проблеми така да задоволен сум од организацијата.“, ученик од 2 година.
„Немам забелешка за организацијата, значи беше одлична.“, ученик од 4 година.
Следна активност во рамки на Есенската математичка школа 2020 е завршниот тест кој е закажан за 19 декември 2020 година. На сите ученици им посакуваме успех на завршниот тест!
Проф. д-р Ирена Стојковска,
Раководител на ЕМШ2020