Македонија е една од трите држави со златен медал на БМО 2023

Почитувани,

Сакаме да ве информираме за најголемиот успех на Македонската репрезентација на Балканската математичка олимпијада досега.

На јубилејната 40та Балканска математичка олимпијада, Македонија остварува нов рекорд. За прв пат се освоени шест медали меѓу кои еден златен, еден сребрен и четири бронзени медали. Златниот медал е освоен од Никола Спировски, сребрениот е од Дамјан Давков, а бронзените од Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски.

Бројот на освоени тимски поени кој само во 2022 г. беше 118 е уште еднаш надминат, и оваа година изнесува 157 поени, што ја пласира Македонија на 5тото место во официјалната конкуренција. Македонија е една од трите држави со златен медал.

Уште една радосна вест е што една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот Никола Велов.

Во оваа прилика сакаме да им се заблагодариме на Анастасија Трајанова, Илија Јовчески и претседателот на комисијата за ММО и меѓународни натпревари проф. д-р Мирко Петрушевски, кои заедно со нас учествуваа во подготовките на тимот.

На крај неизоставно им искажуваме благодарност на спонзорите Виктор Симјаноски, Бојан Јовески, Предраг Груевски, Бобо Станковиќ, Бојан Серафимов, Валентин Ѓорѓиоски, Тодор Ристов и Стојан Трајановски кои во целост го покрија финансискиот дел за подготовките.

Во наредните денови на веб страната на СММ со сите ученици кои ја сакаат математиката ќе ги споделиме материјалите од подготвителните часови кои ги посетуваа одбрани ученици во склоп на Олимписката школа Александар Блажевски-Цане.

Со почит,
Лидерите на тимот,
Никола Велов и Петар Филиповски

Ваш СММ!