Почитувани,
Во склоп на работата на Македонската акдемија на науки и уметности (МАНУ), а во соработка со Сојузот на математичари на Македонија (СММ) и Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ) во тек е проект:
Математички институт за научно-истражувачки подмладок.
Целта на Институтот е да се грижи за откривање на надарени и талентирани ученици за математика од најрана возраст и нивно понатамошно поттикнување и воведување во научно-истражувачка работа.
Во склоп на проектот ќе се организираат конференции на кои учениците и студентите ќе изнесуваат свои трудови, а исто така ќе бидат организирани и научно-истражувачки работилници и семинари.
Учениците подготвуваат труд од одредена тема од математика/информатика предложена самостојно или од ментор. Подготовката на темата е индивидуална или во коавторство со најмногу уште еден автор, самостојно или под раководство на ментор.
Трудовите ке бидат рецензирани и најдобрите од нив ќе бидат поканети да бидат претставени на Ученичка конференција по математика и информатика. За првата конференција трудовите треба да се испратат на контакт лицата дадени подолу до 30.06.2022. Терминот за одржување на конференцијата ќе биде определен по добивањето на проектите. Побарувањата за изработка на проектот се дадени подолу.
Лица за контакт:
За проекти од областа на математика: Јасмина Маркоска, jmarkoska@gmail.com
За проекти од областа на информатика: Марија Михова, marija.mihova@finki.ukim.mk
Упатства за подготовка на трудовите
Текстот на трудот треба да е напишан на компјутерски едитор на текст (MS Word, LaTeX) на македонски јазик, со обем не помалку од 10 страници и не повеќе од 50 страници, оформен на следниов начин: главна страна, резиме на македонски јазик до 100 збора; резиме на англиски јазик до 100 збора. Вo резимето треба да биде напишано од која област е проектот и какви се оригиналните придонеси на авторите. Трудот се разделува на глави/секции и започнува со вовед, во кој се формулираат целите и задачите и се прави кратка анотација на содржината на останатите глави. Трудот завршува со заклучок, во кој се опишува како се постигнати целите, при што се одбележува и придонесот на авторите. На крај се дава список на искористена литература.
Во трудовите од информатика и информациски технологии со апликативен карактер трудот треба да содржи: опис на областа; опис на апликативниот систем (кое не зависи од реализацијата); избор на технички и програмски средства и опис на реализацијата. Во прилог можат да бидат вклучени, програмски код и пример излези. Трудовите од информатика и информациски технологии треба да бидат придружени со кодот кој е искористен, неопходен за подробното запознавање на рецензентите со разработката.
Ваш СММ!