Школа за млади математичари 2023/2024

Драги ученици, наставници и родители,

Комисијата за школи и кампови при Сојузот на математичари на Македонија, одлучи да го зголеми опсегот на активности со уште една активност – Школа за млади математичари.

Школата за млади математичари е замислена да биде продолжение на Есенската математичка школа, со што на учениците ќе им понудиме континурана работа во текот на целата учебна година. Но, школата за млади математичари ќе може да се посетува и независно од Есенската математичка школа. Школата е наменета за учениците од 4 одделение до 9 одделение од основните училишта и учениците од I до IV година од средните училишта од Македонија. Наставата на школата ќе се одвива онлајн.

Школата за млади математичари се реализира во соработка со Математичкиот клуб „Диофант“ од Ваљево, Србија, кои се организатори на Школата за млади математичари „Диофант“. Главна карактерстика на програмот „Диофант“ за додатна настава се темите кои ја следат редовната настава во училиштата, ја прошируваат со нови содржини и ги продлабочуваат знаењата со решавање на посложени задачи. Раководството на Школата за млади математичари на Сојузот на математичари на Македонија има направено адаптација на програмот „Диофант“ за да ја следи, проширува и збогатува редовната настава по математика во училиштата во Македонија.

Раководител на Школата за млади математичари е проф. д-р Ирена Стојковска од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Предавачи на школата се универзитетски професори по математика и истакнати наставници по математика од основните и средните училишта во Македонија со искуство во поттикнување и развивање на математичкото размислување кај учениците.

Повеќе информации за Школата за млади математичари 2023/2024, начин на реализирање на наставата, термини, висина на котизацијата и начин на пријавување, ќе најдете на страницата на школата: https://smm.org.mk/skoli/skola-za-mladi-matematicari.

Раководството на Школата ве повикува да ни се приклучите кон работата на Школата за млади математичари!