Математички кружоци за учениците од основните училишта во општина Гази Баба

Со задоволство објавуваме дека Сојузот на математичари на Македонија доби поддршка од општина Гази Баба за реализирање на проектот „Математика за сите – математички кружоци за ученици од основните училишта“. Во тек е реализацијата на првата фаза од Проектот и обуките за 24 наставници по математика од основните училишта во општина Гази Баба за одржување настава во математички кружоци. Во план е да се опфатат, без исклучок, сите основни училишта во општината Гази Баба и околу 400 ученици од 4 до 9 одделение кои еднаш неделно во текот на првото полугодие од учебната 2020/21 година ќе посетуваат настава во математичките кружоци.

Учениците кои ќе ги посетуваат математичките кружоци ќе имаат можност да ги продлабочат и прошират математичките знаења, да развијат нови, современи и применливи математички вештини и да изградат позитивен став кон математиката и сродните науки како основа за нивен можен избор како идни професии. Од друга страна, обуката на наставниците за изведување настава во математичките кружоци и искуството од изведувањето на наставата со кое ќе се стекнат, ќе придонесе за нивниот личен професионален и стручен развој, што ќе се одрази позитивно и на реализирањето на редовната настава.

Со овој пилот проект, сакаме да укажеме дека секој ученик кој има интерес кон математиката, има и право да ги продлабочува своите математички знаења и вештини. Благодарни сме на општина Гази Баба што ни дозволија да создадеме услови учениците да може да го остварат тоа право. Голема почит кон наставниците по математика кои се вклучија во реализација на овој проект.

На учениците и наставниците им посакуваме успешни математички кружоци!

Проф. д-р Ирена Стојковска,
Раководител на Проектот