Подетално за електронскиот натпревар ПИ-ДЕН!

Почитувани натпреварувачи,

Во пресрет на првото чествување на Меѓународниот ден на математиката дозволете ни да ве запознаеме малку подетално со концепцијата на натпреварот.

Секој пријавен натпреварувач во соодветното време ќе добие пристап до задачите кои ги предвидовме за овој натпревар. Низ тимска работа, преку анализа на наставните содржини и актуелната состојба со математиката кај нас, избравме модел на натпревар во кој понудивме три групи задачи со различна тежина кои носат 1, 2 и 3 поени, соодветно. Задачите се блиски до наставните содржини кои се изучуваат за соодветната возраст и имаат логички карактер.

На почеток мора да внесете валиден e-mail, име и презиме, училиште, град и соодветно одделение или година. Откако ќе ги внесете овие податоци изберете „понатаму“ и ќе пристапите до задачите.

Најмладите учесници имаат 10 задачи, од кои првите три носат по 1 поен, следните четири по 2 поени и последните три по 3 поени т.е. вкупно 20 поени. Учениците од второ одделение имаат 15 задачи од кои првите четири по 1 поен, следните седум по 2 поени и последните четири по 3 поени т.е. вкупно 30 поени. Почнувајќи од трето одделение, па се до категоријата 18+, првите пет задачи носат по 1 поен, по 2 поени следните 10 и по 3 поени последните 5 задачи т.е. вкупно 40 поени. Најдобар е оној натпреварувач кој ќе реши најмногу точни задачи и за најкратко време.

Сите задачи имаат решение природен број или нула. Натпреварувачите го внесуваат бараниот број во соодветното поле. На крај системот можеби ќе побара автентичност на корисникот (I’m not a robot).  Натпреварот завршува кога ќе ги пополните сите полиња за решенија и ќе изберете Submit, за максимално време од 90 минути. На електронската пошта која ја наведовте на почеток на натпреварот ќе ви стигнат податоци со вашите решенија. Тоа е потврда дека вашите решенија се примени во системот.

Почитувани, задачите ќе ги решавате во домашни услови. Ве потсетуваме дека иако натпреварот има рекреативен карактер, чесноста е посакувана и очекувана!

Ви посакуваме огромен успех, многу забава и нека ни е честит Меѓународниот ден на математиката!

Ваш СММ!