ВАЖНО СООПШТЕНИЕ

Почитувани ученици, наставници, родители и директори на училишта,

Деновиве добивме многу писма и јавувања од поединци, Природно – математички активи и директори на основни и средни училишта од Македонија, во врска со писмото кое што училиштата го добиле од здружението АРМАГАНКА, за организирање на математичкиот натпревар “Кенгур 2020”. За да не одговараме поединечно на сите нив, сакаме целата македонска јавност да ја информираме дека:

1) Сојузот на математичари на Македонија (СММ) е единствено акредитирано здружение од Министерството за наука и образование (МОН) за организирање  натпревари од наставниот предмет Математика на територијата на Република Северна Македонија (согласно добиената акредитација од МОН во април 2017 година со важност од 3 години, заклучно со учебната 2019/2020 година).

2) Во писмото што е испратено до училиштата од здружението АРМАГАНКА, за одржување на првиот круг на натпреварот „Кенгур 2020“, најавено е дека  натпреварот ќе биде во работен ден и за време на наставата. Ве информираме дека неакредитираното здружение АРМАГАНКА НЕ СМЕЕ да организира математички натпревар во државни училишта за време на настава во работен ден, попречувајќи го на тој начин воспитно-образовниот процес во училиштата (за прекршок по овој основ се одговара пред Државниот просветен инспекторат (ДПИ)).

3) Покрај тоа, во писмото од здружението Армаганка има сериозна дезинформација  дека евентуалната диплома добиена на натпреварот “Кенгур 2020” се вреднува при уписот во некои средни училишта и факултети во земјава и странство. За овие цели, се вреднуваат само награди и дипломи добиени од натпреварите во организација на СММ. Покрај тоа, МОН на учениците и менторите кои освоиле прво место на државен натпревар во организација на акредитирано здружение, какво што е СММ, им доделува и парична награда. Дезинформација е и тоа дека КОНЗОРЦИУМ КЕНГУР БЕЗ ГРАНИЦИ одлучил да има втор круг од овој натпревар. Овие дезинформации без соодветни докази, кои се наведени во писмото од АРМАГАНКА, се со единствена цел, да привлечат што поголем број натпре­вару­вачи, заради остварување на личен профит. Имено, учеството на натпреварот се наплаќа.

За сите овие незаконитости на здружението АРМАГАНКА околу  организирањето на натпреварот „Кенгур 2020“ во државните училишта во работен ден и за време на наставата, без акредитација и дозвола од МОН, се информирани:  МОН, ДПИ и Бирото за развој на образованието. СММ се оградува од овој натпревар и ве повикува да НЕ учествувате ниту како натпреварувачи, ниту како организатори на истиот.

Ја користиме оваа прилика, да ви се заблагодариме за вашата досегашна соработка, доверба, предлози и критики, кои многу нѝ помагаат при реализирањето на нашите активности, цели и задачи согласно Статутот на СММ. Со ваша помош, заеднички работиме на поттикнување и негување на љубовта на децата кон математиката.

Ве повикуваме да се вклучите во натпреварите во организација на СММ. За сите прашања околу нив, следете ги објавите на нашата официјална веб страница, или обратете се на електронските адреси: sojuz.na.matematicari@gmail.com, smm.osnovno@gmail.com и smm.sredno@gmail.com.

Сојуз на математичари на Македонија