Почитувани љубители на математиката,
Во пресрет на Новата 2020 година, ви посакуваме среќна, успешна и благодетна година и весели Божиќни празници!
Ви претстои зимскиот распуст и добро заслужениот одмор после првото полугодие исполнето со многу учење, дружба и забава со другарчињата. Можеби ќе скијате или ќе излезете на толку посакуваниот снег со своите санки, можеби ќе планинарите или ќе одите до најблиското лизгалиште. За мигови исполнети со среќа, со топол чај или какао,… ви подготвивме содржини со кои ќе ја одржите во одлична форма и својата ментална кондиција. Во овој број на „Нумерус“ ќе продолжите да се дружите со математичките загатки, со множествата и со математичката индукција, ќе се запознавате со контролната цифра, со решавањето линеарни равенки и со Питагоровата теорема, но и со работата на математичката секција на училиштетото „Панко Брашнаров“ во Велес. Проверете си ги своите знаења со помош на минатогодишниот општински натпревар по математика. Решавајте ги конкурсните и наградните задачи и проверете ги своите решенија во следниот број на списанието. Побарајте ги своите имиња во овој број доколку испративте решенија на задачите од претходниот број.
Рокот за испраќање решенија на конкурсните и на наградните задачи од овој број е 31 јануари 2019 година.
Упатствата за доставување решенија и прилози се достапни на интернет страницата на СММ, smm.org.mk
Во прилог на овој број ќе добиете подарок календар и можност да си поиграте пополнувајќи ја сложувалката.
Соработката со вас е наша водилка, насочувајте нé во правецот во кој сакате да го развиваме списанието „Нумерус“, наше заедничко наследство кое ја живее својата 45 година.
Од уредувачкиот одбор на „Нумерус“