Меѓународната математичка олимпијада (ИМО) е најпрестижниот светски натпревар по математика за ученици од средното образование, на кој секоја година учествуваат најталентираните млади математичари од повеќе од сто држави. Самото учество на Олимпијадата претставува признание за извонреден талент, долгогодишна посветеност и способност за креативно решавање сложени математички проблеми.
Натпреварот се состои од шест исклучително тешки задачи, распоредени во два натпреварувачки дена, при што од учениците се очекува да понудат целосни и прецизно образложени математички докази. Секоја задача носи најмногу седум поени – „магичниот број“ кон кој се стреми секој натпреварувач.
За да се достигне нивото потребно за успешно учество на ова натпреварување, неопходни се исклучителна истрајност, остроумност и длабока љубов кон решавањето математички проблеми. Натпреварувачите истовремено добиваат ретка можност и привилегија да ги запознаат своите врсници од целиот свет и да станат дел од меѓународната заедница на млади математичари.
ИМО 2026 се одржа во Шангај, Народна Република Кина, под покровителство на Кинеското математичко друштво и Шангајската општинска комисија за образование, а во организација на Средното училиште „Шангај“ (Shanghai High School), во периодот од 10 до 21 јули 2026 година.
На Олимпијадата годинава учествуваа 666 ученици од 117 држави, а зад нив стојат илјадници други ученици што учествувале на училишните, регионалните и националните квалификации. Ова беше 34. учество на Македонија на ИМО. Македонската делегација ја сочинуваа шест ученици: Дамјан Давков, Ивано Божиновски, Леонид Тодороски, Марко Митевски, Андреј Тасиќ и Филип Калкашлиев. Екипата ја предводеше проф. д-р Мирко Петрушевски, а заменик-водач беше Алексиј Тасиќ.
За македонските натпреварувачи на ИМО 2026, надлежната комисија при Сојузот на математичари на Македонија организираше интензивни едномесечни подготовки, во периодот од 13 јуни до 12 јули. Во текот на подготовките, репрезентативците обработуваа напредни теми и решаваа сложени проблеми од четирите основни олимписки области: алгебра, комбинаторика, геометрија и теорија на броеви.
Ова е шеста година по ред во која Комисијата за ММО и меѓународни натпревари за средно образование организира темелни и квалитетни подготовки за македонската екипа во пресрет на ИМО. Веруваме дека ваквиот посветен, систематски и сериозен пристап значително придонесе македонските репрезентативци да постигнат уште еден одличен резултат.
На овој светски мегдан на математичка извонредност, нашите шест олимпијци освоија пет признанија: еден златен медал, три бронзени медали и една пофалница:
- Дамјан Давков – златен медал; 33 поени (7 + 1 + 4 + 7 + 7 + 7)
- Ивано Божиновски – бронзен медал; 18 поени (7 + 7 + 0 + 1 + 3 + 0)
- Леонид Тодороски – бронзен медал; 16 поени (7 + 1 + 0 + 6 + 2 + 0)
- Андреј Тасиќ – бронзен медал; 16 поени (7 + 1 + 0 + 7 + 1 + 0)
- Филип Калкашлиев – пофалница; 14 поени (7 + 0 + 0 + 7 + 0 + 0)
- Марко Митевски – 13 поени (4 + 1 + 0 + 6 + 2 + 0)
Ова е исклучителен успех за нашата земја. Во конкуренција од 117 држави, Македонија се пласира на 30. место според освоените одличја, односно на 43. место според вкупниот број освоени поени.
Златниот медал на Дамјан Давков е четвртото македонско злато во досегашните 34 учества на ИМО како независна држава. Македонија освои златен медал на секое од последните четири изданија на Олимпијадата, што претставува извонреден континуитет за земја со релативно мал број ученици и натпреварувачи.
Според освоените одличја, овогодишниот пласман е третиот најдобар резултат во историјата на македонското учество на ИМО, по резултатите од 2023 и 2025 година. Воедно, петте најуспешни македонски настапи на ИМО се постигнати во последните пет години.
Ваквиот континуитет не треба да се смета за случајност или необјаснив куриозитет, туку за резултат на искрена посветеност, стручно знаење, повеќегодишна работа и сериозен пристап. Во последните шест-седум години, Сојузот на математичари на Македонија успеа да изгради и да одржи систем преку кој најталентираните ученици се препознаваат, селектираат и подготвуваат за учество на најпрестижните меѓународни математички натпревари. Особено значајни се и пошироките математички активности што го придружуваат овој процес и придонесуваат за развојот на натпреварувачката математика во земјата.
Комисијата за ММО и меѓународни натпревари за средно образование со особено задоволство го следеше развојот на овогодишните олимпијци на нивниот пат како млади математичари. Претставува чест да се прослават нивните достигнувања.
Меѓу четворицата освојувачи на медали има и две нови имиња: Ивано Божиновски и Андреј Тасиќ. Особено радува фактот што и двајцата ќе имаат право на учество на ИМО 2027, бидејќи и во следната учебна година ќе бидат средношколци.
Со медали од најпрестижниот светски математички натпревар, на најдобар можен начин од репрезентацијата се простуваат двајца искусни олимпијци – Леонид Тодороски и Дамјан Давков – кои своето образование ќе го продолжат на додипломски студии по математика на два елитни светски универзитети.
За Леонид Тодороски ова беше трето последователно учество на ИМО. Својата успешна натпреварувачка кариера ја завршува со девет меѓународни признанија, меѓу кои се медали од Јуниорската балканска математичка олимпијада, Балканската математичка олимпијада, Европскиот математички куп и Европската математичка олимпијада, како и два бронзени медали од ИМО – освоени во 2024 и 2026 година. Со својата посветеност, истрајност и континуирано присуство на меѓународната сцена, Леонид остави значајна трага во македонската натпреварувачка математика.
Годинава од репрезентацијата се простува и Дамјан Давков, најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња, за кого ова беше седмо последователно учество на ИМО. Својата исклучителна натпреварувачка кариера ја завршува со вкупно 24 меѓународни признанија:
- сребрени медали на ЈБМО 2019 и ЈБМО 2020;
- златни медали на ЈБМО 2021, ЈБМО 2022 и ЈБМО 2023, со што стана најуспешниот натпреварувач во историјата на ЈБМО;
- бронзен медал на БМО 2020;
- сребрени медали на БМО 2022, БМО 2023 и БМО 2024;
- златни медали на БМО 2025 и БМО 2026;
- втора награда на ЕМЦ 2019;
- пофалница на ЕМЦ 2021;
- први награди на ЕМЦ 2023, ЕМЦ 2024 и ЕМЦ 2025, како и сребрени медали на ЕМЦ 2024 и ЕМЦ 2025;
- златен медал и апсолутно прво место на ЕМО 2026;
- пофалница на ИМО 2020;
- сребрени медали на ИМО 2021, ИМО 2022 и ИМО 2025;
- златни медали на ИМО 2023, ИМО 2024 и ИМО 2026.
Освојувањето златен медал на ИМО само по себе значи вбројување меѓу најдобрите млади математичари во светот – чест што им припаѓа на мал број натпреварувачи. Низ историјата, меѓу учесниците и медалистите на ИМО се вбројуваат и повеќе идни добитници на Филдсовиот медал, едно од највисоките признанија во математиката.
Дамјан Давков освои три златни медали на ИМО. Со овој подвиг тој се вбројува меѓу ретките натпреварувачи во 67-годишната историја на Олимпијадата што успеале да одржат врвно ниво на постигнувања во повеќе последователни години.
Неговиот конечен биланс од ИМО изнесува:
- 🥇 три златни медали – 2023, 2024 и 2026 година;
- 🥈 три сребрени медали – 2021, 2022 и 2025 година;
- пофалница – 2020 година.
Со ваков биланс, Дамјан се вбројува меѓу најуспешните натпреварувачи во историјата на ИМО. Според официјалната ранг-листа на ИМО „Hall of Fame“, тој припаѓа на исклучително тесниот круг натпреварувачи со најмалку три златни и три сребрени медали.
Особено импресивен е неговиот максимален резултат на вториот натпреварувачки ден на ИМО 2026. Токму тогаш се решава и најпредизвикувачката задача на Олимпијадата – шестата задача, која вообичаено е достижна само за малкумина од самиот светски врв. Освоените 7 + 7 + 7 поени на вториот натпреварувачки ден претставуваат сведоштво за исклучителна математичка зрелост, креативност и прецизност. Овие достигнувања не се само личен успех, туку и успех од национално значење, со кој Дамјан уште еднаш ја претстави Македонија во најдобро можно светло на највисокото светско ниво.
Восхитува начинот на кој ова скромно и ненаметливо момче, чии карактерни црти се несомнено своевидна противтежа на раскошниот математички талент, успеа со својата работа и резултати да одговори на сите превирања и предизвици, недоволното институционално препознавање и тешкотиите со кои се соочуваше во текот на својата натпреварувачка кариера. Тивко и ненаметливо, Дамјан Давков ги достигна највисоките светски академски врвови. Се надеваме дека неговиот пример ќе биде инспирација за идните млади генерации македонски вљубеници во математиката.
Проф. д-р Мирко Петрушевски
Претседател на Комисијата за ММО и меѓународни натпревари за средно образование (2019 – денес)