ИМО 2024: едно злато, две бронзи и три пофалници за Македонија!

Почитувани,

Годинава, најпрестижниот светски математички натпревар, 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024), се одржува во Бат, Велика Британија, во периодот 11-22 јули. Вкупно 609 млади умови од целиот свет се натпреваруваат во решавање на шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена. Магичниот број (целосно решение) кон кој се стреми секој од натпреварувачите изнесува 7 (поени по задача).

За македонските репрезентативци на ИМО 2024, Сојузот на математичари на Македонија (СММ) организираше четири неделни подготовки (во периодот 11. јуни – 12. јули) на кои репрезентативците разработуваа напредни теми и техники за решавање на проблеми од математичките области: алгебра, комбинаторикатеорија на броеви и геометрија. Ова е четврта година во континуитет како СММ реализира интензивни подготовки за македонската екипа во пресрет на ИМО. Веруваме дека ваквиот сериозен пристап повторно им помогна на македонските репрезентативци за уште еден одличен резултат. На овој светски мегдан за извонредност нашата екипа годинава се закити со еден златен медал, два бронзени медала и три пофалници

Ова е исклучителен успех за нашата земја, која во конкуренција на 109 држави екипно се пласира на 28. место (според освоени одличја) односно, на 46. место (според освоени поени).  Еве ги имињата и постигнувањата на овогодинешните македонски олимпијци:

  • ДАМЈАН ДАВКОВ (златен медал; 31 поен) 
  • ЛЕОНИД ТОДОРОСКИ (бронзен медал; 21 поен)
  • АЛЕКСИЈ ТАСИЌ (бронзен медал; 16 поени)
  • БРАНКО ЈАНГЕЛОВСКИ (пофалница; 14 поени)
  • ИВАНО БОЖИНОВСКИ (пофалница; 13 поени)
  • НИКОЛА ЦВЕТАНОСКИ (пофалница; 12 поени)

Ова е само второ македонско злато на ИМО во  досегашните 32 учества на Македонија како независна држава. Штипјанецот Дамјан Давков, со освоениот златен медал, втора година по ред се вбројува во светската математичка елита. Ова 16. годишно момче е несомнено најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња – во досегашните пет учества има освоено два златни медала, два сребрени медала и една пофалница – и цврсто чекори кон тоа да постане еден од најуспешните олимпијци во историјата на ова престижно светско натпреварување. 

Најискрени честитки за целата македонска екипа на ИМО 2024. Успехот на овие шест златни деца е успех за целата татковина. Им посакуваме уште многу идни академски достигнувања. Тие ги имаат потенцијалот, желбата и амбицијата во изобилство!

Ваш СММ!