Одличен успех на македонската екипа на EGMO 2022

Почитувани,

Со неизмерно задоволство, ја споделуваме со вас веста за одличниот успех на нашите девојки, постигнат на EGMO 2022.  Македонската екипа повторно ги надмина досегашните тимски резултати, а во поединечна конкуренција резултатите на девојките се следните:

  • Јасна Илиева – бронзен медал
  • Марија Атанасова – бронзен медал
  • Емилија Николовска – пофалница
  • Ивона Зикова – пофалница

Подетално за организацијата на EGMO 2022, задачите и резултатите овде.

EGMO 2022 се одржа во периодот 6 – 12.04.2022 во градот Егер, на 140 km од Будимпешта, Унгарија. По две години натпревари онлајн, оваа година организаторот Bolyai János Mathematical Society и  Eszterházy Károly Catholic University смогнаа сили и беспрекорно го организираа натпреварот во живо. Дел од тимовите по сопствена одлука беа и годинава онлајн, но со таквата одлука беа и надвор од официјалната конкуренција. На ЕГМО оваа година учествуваа вкупно 222 девојки, од 57 држави, од кои 123 натпреварувачки од 31 европска држава. Нашиот тим го освои го 17-тото место во екипен пласман. Водач на тимот беше Анета Гацовска Барандовска, а заменик водач Ерблина Зеќири.

Со натпреварувањето во живо, се врати сјајот и убавината на ваквите натпревари. Одново, на натпреварувачките им беше овозможено да ги прошират своите познанства, да се дружат, да разменат искуства и да запознаат дел од убавините на домаќинот – Унгарија. 

Честитки и благодарност до комисијата за меѓународни натпревари и групата млади ентузијасти кои директно учествуваа во подготовките на нашата екипа и на тој начин го овозможија овој успех.

Проф. Анета Гацовска-Барандовска,

Водач на МКД тимот на ЕГМО 2022

Дел од атмосферата низ фотографии