Книги со предавања од Есенската математичка школа 2020

Почитувани,

Ве известуваме дека илегоа од печат книгите со предавања од Есенската математичка школа 2020:
Книга 1 – Есенска математичка школа 2020. Предавања за учениците од IV до VII одделение (2021, 278 стр.)
Книга 2 – Есенска математичка школа 2020. Предавања за учениците од VIII и IX одделение и учениците од I до IV година (2021, 346 стр.)
Книгите може да ги нарачате од е-книжарницата на СММ, видете во КНИГИ.

Во овие книги го сместивме материјалот од одржаните предавања на Есенската математичка школа 2020 дополнет со детални решенија на задачите кои се решаваа на часовите и задачите кои беа задавани за домашна работа, како и задачите кои беа дадени на завршните тестови и нивните решенија. На крајот од книгата е сместен списокот со учениците кои учествуваа на Есенската математичка школа 2020.

Материјалот од предавањата е изложен на начин да може да биде искористен од наставниците за додатна настава во училиштата или за самостојно учење, затоа што изобилува со решени примери и задачи, подредени по тежина. Голем дел од задачите се со детални решенија, што помага за подобро разбирање на материјалот. Изборот на задачите го задржува вниманието на ученикот, а разновидноста на задачите, овозможува ученикот да ја совлада во целост темата која ја обработува. Една тема може да покрие околу 20 училишни часа.

Неизбежно е да ја истакнеме важноста на математичките школи. Имено, математиката истовремено е тешка за разбирање и зачудувачки едноставно структуирана, што ја прави лесно разбирлива за оние кои ќе ги совладаат нејзините основи и начин на кој таа е изградена. Затоа, ваквите и слични форми на вонучилишна настава по математика треба почесто да се практикуваат и негуваат, и успехот ќе биде неизбежен – математички образувани идни генерации со високо развиени аналитички способности и врвни стручњаци во својата професија.

Проф. д-р Ирена Стојковска,
Раководител на ЕМШ2020