Информации за Регионалниот натпревар за основно образование

Почитувани ученици од основно образование, наставници и родители,

Ве известуваме дека Управниот одбор на СММ одлучи Регионалниот натпревар за учениците од основното образование да се одржи електронски. Оваа одлука е донесена во консултација со повеќе наставници од основното образование. Свесни сме за негативните страни од ваквиот начин на одржување на натпреварот. Сметаме дека во вакви услови на пандемија ова е единствен безбеден начин за одржување на ваков масовен натпревар со над 2500 учесници.

Натпреварот ќе се одржи на 4 јули 2020 година со почеток во 10 часот, ќе трае 120 минути и за секое одделение ќе се состои од 15 задачи на кои учениците ќе треба да ги внесат само конечните одговори. Сите задачи се во согласност со темите за регионалниот натпревар кои се веќе објавени на нашата веб станица, www.smm.org.mk.

За ваше потсетување, учесници на регионалниот натпревар се сите ученици од четврто одделение кои имаат освоено најмалку 30 поени на општинскиот натпревар, а за другите одделенија, се сите оние ученици кои на општинскиот натпревар освоиле најмалку 40 поени односно пофалница.

На следнава веб страна во наведениот термин ќе биде објавен линк до задачите.

На таа страница ќе се одбере наставниот јазик (македонски, албански, турски, српски) и одделението. Потоа ќе се прикажат задачите.

На почетокот, секој ученик ќе треба да пополни податоци за себе (е-маил адреса, име, презиме, училиште, град, одделение, освоени поени на општинскиот натпревар и соодветни податоци за менторот). Со овие податоци, на начин како што се внесени, ќе бидат издадени сите дипломи и сертификати. Затоа ве молиме пополнувањето да го направите внимателно и точно.

Потоа се кликнува на next и на следната страница ќе може да пристапите до задачите. По внесувањето на сите одговори, на соодветните места, се избира опцијата submit. На маилот кој сте го внесле на првата страница ќе добиете известување кое ги содржи задачите од натпреварот со вашите внесени одговори. Ова известување е потврда за вашето учество.

СММ се подготвува за реализација на државниот натпревар за учениците од основното образование, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, со физичко присуство на натпреварувачите и задолжително почитување на протоколите за испити со физичко присуство.

Како потсетување, на државниот натпревар учествуваат ученици од 6, 7, 8 и 9 одделение.

Притоа, пласманот на државниот натпревар ќе се одреди од единствените ранг – листи на државно ниво по одделенија.  Тие листи ќе се состојат од поени кои се добиваат како збир од  55% од поените кои ученикот ги освоил на општинскиот натпревар и  45% од поените кои ученикот ги освоил на регионалниот натпревар, одржан електронски.

СММ се подготвува за реализација на изборен натпревар за JBMO2020 со физичко присуство на натпреварувачите во согласност со препораките за реализација на настани од ваков вид.

За крај, нашите искрени надежи се темелат на повикот за чесен  и достоинствен натпревар преку кој ќе направиме вистински избор на носителите на награди и идните членови на тимот за JBMO2020!

Како потсетување, сите ваши забелешки, сугестии и предлози за заедничко надминување на состојбата со која сме соочени, а се во интерес на задачите и целите на СММ, ги очекуваме на sojuz.na.matematicari@gmail.com.

Ваш СММ!