Почитувани,
Годинава, најпрестижниот светски математички натпревар, 66. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2025), се одржува во Саншајн Коуст, Австралија, во периодот 10-20 јули. Ова е 33. учество на Македонија на ИМО. Нашата делегација брои шест ученици: Алексиј Тасиќ, Дамјан Давков, Ивано Божиновски, Леонид Тодороски, Бранко Јангеловски и Марко Серафимовски; ги предводат Илија Јовчески и Мирко Петрушевски. Најбистрите 630 млади умови од 110 држави од целиот свет се натпреваруваат во решавање на шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена. Магичниот број (целосно решение) кон кој се стреми секој од натпреварувачите изнесува 7 (поени по задача).
За македонските натпреварувачи на ИМО 2025, Сојузот на математичари на Македонија организираше интензивни едномесечни подготовки (во периодот 11. јуни – 11. јули) на кои репрезентативците разработуваа напредни теми и решаваа проблеми од математичките области: алгебра, комбинаторика, теорија на броеви и геометрија. Ова е петта година во континуитет како СММ овозможува интензивни подготовки за македонската екипа во пресрет на ИМО. Веруваме дека ваквиот сериозен пристап им помогна на македонските репрезентативци за уште еден одличен резултат. На овој светски мегдан за извонредност нашите шест олимпијци годинава се закитија со пет одличја: злато, сребро, и три пофалници:
- АЛЕКСИЈ ТАСИЌ (злато; 35 поени)
- ДАМЈАН ДАВКОВ (сребро; 30 поени)
- ИВАНО БОЖИНОВСКИ (пофалница; 18 поени)
- ЛЕОНИД ТОДОРОСКИ (пофалница; 15 поени)
- МАРКО СЕРАФИМОВСКИ (пофалница; 14 поени)
Ова е само трето македонско злато на ИМО во досегашните 33 учества на Македонија како независна држава. Нашиот Алексиј Тасиќ, на најдобар можен начин ја завршува својата исклучителна олимписка кариера: во претходните три учества на ИМО, во периодот 2022-2024, освои сребро, бронза и пофалница. Овогодинешниот златен медал го прави вториот најуспешен македонски олимпиец на сите времиња и, многу поважно, го вбројува во светската математичка елита.
Според освоените одличја, македонската репрезентација се пласираше на 29. место.
Најискрени честитки за целата македонска екипа на ИМО 2025. Успехот на овие златни деца е успех за целата татковина. Им посакуваме уште многу идни академски достигнувања!
Ваш СММ!