Почитувани,
Во периодот 25.07 – 2.08.2023, се одржа Шестата меѓународна економска олимпијада на која Македонија зеде учество по втор пат. На олимпијадата учествуваат 50 тимови од 48 земји од светот. Учениците се натпреваруваа во три дела, тест од економија, игра за финансиска писменост и бизнис студија. Олимпијадата се одржа во хибриден формат, дури 15 тима оваа година беа собрани на едно место, во Волос – Грција. Домаќини беа колегите од Одделот за економија при Универзитетот на Тесалија од Волос.
Тимот кој не претставуваше годинава е составен од учениците кои беа најдобро пласирани на Првата македонска економска олимпијада одржана на крајот на мај во организација на Сојузот на математичарите на Македонија. Црвено – жолтата боја оваа година ја носеа учениците Стефанија Кузмановска од Математичко – информатичката гимназија во Скопје, Рина Толева од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје, Давид Ставров од ПСУ Алгоритам – Скопје и Давид Арсовски од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје. Лидерите на тимот беа Анета Гацовска – Барандовска и Стево Ѓоргиев од Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Нашиот тим се претстави и повеќе од одлично. Меѓу големиот број водечки економии во светот, го освоивме 22-рото место во генерален пласман. Посебно сме горди сме што оваа година го освоивме и првиот медал на оваа олимпијада. Бронзениот медал на нашата држава и го донесе ученикот Давид Ставров. Успехот е уште поголем зошто во вкупните поени се зема во предвид и тимскиот успех при изработка на бизнис студијата, каде нашиот тим заврши како втор во групата. Малку недостигаше да се вратиме со уште некој медал. Им честитаме на сите четворица од се срце!
Голема благодарност до Народната банка и Секторот за финансиска едукација кои учествуваа во подготовките на македонскиот тим за IEO2023. Овие предавања се дел од потпишаниот Меморандум за соработка во доменот на финансиската едукација, за потребите на Меѓународната економска олимпијада, помеѓу Народната банка и Сојузот на математичари на Македонија. Во подготовките за тимот ги отворија своите врати и Агенцијата за супервизија на осигурување и Junior Achievement.
Благодарност до професорот Томе Неновски, професор Емеритус на Американ колеџ – Скопје, кој издвои време учениците да ги запознае одблизу со дел од она што е макроекономија и професорката Виолета Цветкоска од Економскиот факултет при УКИМ во Скопје, која учествуваше во регионалните подготовки за четири земји од регионот пред заминувањето на тимот.
И секако, голема благодарност до водачите на тимот, проф. Анета Гацовска-Барандовска и Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно – математичкиот факултет во Скопје, кои ја организираа Првата македонска економска олимпијада во мај 2023 и ги коодринираа подготовките на тимот за IEO2023.
Од се срце им се заблагодаруваме на сите кои допринесоа во подготовката на тимот и на оние кои финансиски ги поддржаа учениците да можат да учествуваат на олимпијадата во живо. Повеќе за организацијата, обликот на олимпијадата и резултатите може да се најде на https://ecolymp.org/
Во прилог и неколку слики од атмосферата во овие 9 дена.
Ваш СММ!