Годинава најпрестижниот светски математички натпревар, 64. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2023), се одржа во Чиба, Јапонија, во периодот 3-13 јули. Млади умови од целиот свет се натпреваруваа во решавање на шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена. Магичниот број (целосно решение) кон кој се стреми секој од натпреварувачите изнесува 7 (поени по задача).
За македонските натпреварувачи на ИМО 2023, Сојузот на математичари на Македонија организираше три неделни подготовки (во периодот 13. јуни – 3. јули) на кои репрезентативците разработуваа напредни теми и техники за решавање математички проблеми од областите: комбинаторика и теорија на броеви. Ова е трета година во континуитет како СММ реализира интензивни подготовки за македонската екипа во пресрет на ИМО. Веруваме дека ваквиот сериозен пристап и акумулирани знаења допринесуваат македонските репрезентативци од година во година да постигнуваат се подобри и подобри резултати на овој најпрестижен математички собир: пет пофалници на ИМО 2020; сребрен медал, два бронзени медала и две пофалници на ИМО 2021; два сребрени медала, два бронзени медала и две пофалници на ИМО 2022; и конечно, златен медал, сребрен медал, два бронзени медала и две пофалници на ИМО 2023. Ова е исклучителен успех за нашата земја, која годинава во конкуренција на 113 земји ширум светот екипно се пласира на 24. место (според освоени одличја) односно, на 41. место (според освоени поени). Еве ги имињата и постигнувањата на овогодинешните олимпијци:
- ДАМЈАН ДАВКОВ (златен медал; 32 поени = 7+7+7+7+2+2)
- АЛЕКСИЈ ТАСИЌ (сребрен медал; 25 поени = 7+7+1+7+3+0)
- НИКОЛА ЦВЕТАНОСКИ (бронзен медал; 23 поени = 7+7+0+7+2+0)
- НИКОЛА СПИРОВСКИ (бронзен медал; 19 поени = 7+3+0+7+2+0)
- ЈАН СТОЈАНОВСКИ (пофалница; 17 поени = 7+1+0+7+2+0)
- БРАНКО ЈАНГЕЛОВСКИ (пофалница; 11 поени = 7+3+0+1+0+0)
Ова е првото македонско злато на ИМО во досегашните 31 учества на Македонија како независна држава. Со тоа е остварен долгогодишниот сон и стремеж на бројни генерации македонски олимпијци, наставници по математика, професори и ментори: конечно, Македонец во светската математичка елита! Дамјан Давков, со овој извонреден подвиг, постанува најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња – во досегашните четири учества има освоено еден златен медал, два сребрени медала и една пофалница. Уште позначајно, тој влегува во елитното математичко друштво на златни медалисти на ИМО, кое не случајно вбројува многумина Филдсови медалисти (потсетуваме дека Филдсовиот медал е своевиден математички еквивалент на Нобеловата награда). Восхитува начинот на кој ова скромно и помалку срамежливо 15. годишно Штипјанче, чии карактерни црти се несомнено своевидна противтежа на раскошниот математички талент, успеа да возврати на сите превирања и негирања што во последниве 2-3 години сосема незаслужено ги доживеа од релевантни институции на нашата држава. Возбудува и податокот дека на Дамјан Давков му претстојат уште барем три учества на ИМО.
Радува и тоа што секој од шестмината членови на овогодинешната македонска екипа, која постави нов стандард на успешност во најрелевантниот ИМО параметар (освоени одличја), не е во последната година од своето средношколско образование. Оттаму, оправдано се надеваме на уште поголем македонски успех вгодина, на 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024), која треба да се одржи во Бат, Велика Британија.
Ваш СММ!