НЕЗАБОРАВЕН МАКЕДОНСКИ МАТЕМАТИЧКИ КОНГРЕС ВО СТРУГА

Во периодот од 27 до 30 јуни 2023 година, во хотелот Дрим во Струга, се одржа VII Македонски математички конгрес, во организација на Сојузот на математичари на Македонија (СММ), а под покровителство на  Природно-математичкиот факултет и  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Оваа година СММ беше домаќин на 97 учесници од Македонија, Србија, Хрватска, Турција, Словачка, Полска и САД. На свеченото отворање учесниците ги поздравија Претседателот на СММ, проф. д-р Ѓорѓи Маркоски и Деканот на Природно-математичкиот факултет, проф. д-р Александар Скепаровски. СММ на Академик Стеван Пилиповиќ од Српската академија на науките и уметностите му додели Плакета за исклучителен придонес за развојот на математичките науки во Македонија.

Во рамките на Конгресот се организираше и специјална сесија по повод 100 години од раѓањето на Академик Благој Попов, која ја водеше Академик Дончо Димоски.

Пријатната работна атмосфера ја надополнија неколку впечатливи социјални настани, меѓу кои екскурзијата во Вевчани и свечената вечера. По завршување на Конгресот, сите учесници ни ги пренесоа своите прекрасни впечатоци за Конгресот.

Им благодариме на сите учесници за нивниот придонес за успехот на Конгресот. Се надеваме дека се создадоа нови пријателства и можности за нови научни соработки.

Ве очекуваме на следниот Македонски математички конгрес,

Организационен одбор на Конгресот,

Ваш СММ!