Македонија е единствена земја која има златен медал со максимален број на поени на ЈБМО 2023

Почитувани,

Сакаме да ве информираме за големиот успех на Македонската репрезентација на Јуниорската балканската математичка олимпијада 2023.

На 27 ма Јуниорска балканска математичка олимпијада, Македонија е единствената земја која освои златен медал со максимален број на поени. Златниот медал го освои Дамјан Давков. Покрај златниот медал, освоени се еден сребрен медал, од Ивано Божиновски и еден бронзен медал од Андрија Младеновиќ. На ЈБМО 2023 државата успешно ја претставија уште Никола Стојковски, Јаков Геговски и Андреј Тасиќ.

Уште една радосна вест е што една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше Македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот Никола Велов.

Во оваа прилика сакаме да им се заблагодариме на Анастасија Трајанова, Илија Јовчески, Лука Хаџи Јорданов, проф. д-р Мирко Петрушевски, Виктор Симјаноски и претседателот на комисијата за ЈММО и меѓународни натпревари до 15,5 години проф. д-р Делчо Лешковски, кои заедно со нас учествуваа во подготовките на тимот.

На крај неизоставно им искажуваме благодарност на спонзорите Виктор Симјаноски, Бојан Јовески, Предраг Груевски, Бобо Станковиќ, Бојан Серафимов, Валентин Ѓорѓиоски, Тодор Ристов и Стојан Трајановски кои во целост го покрија финансискиот дел за подготовките.

Во наредните денови на веб страната на СММ со сите ученици кои ја сакаат математиката ќе ги споделиме материјалите од подготвителните часови кои ги посетуваа одбрани ученици во склоп на Олимписката школа Александар Блажевски-Цане.

Со почит,
Лидерите на тимот,
Никола Велов и Петар Филиповски