Најнови соопштенија
27.11.2024 – Соопштение за завршниот тест на Есенската математичка школа 2024
20.11.2024 – Известување за почеток на наставата со групата за олимписка математика
24.10.2024 – Информација за наставата на Есенската математичка школа 2024
16.10.2024 – Известување за првиот ден на Есенската математичка школа 2024
09.10.2024 – Пријавени ученици на Есенската математичка школа 2024
14.09.2024 – Теми на Есенската математичка школа 2024 и наградни учества
03.09.2024 – Пријавување учество на Есенската математичка школа 2024
Опис на Есенската математичка школа 2024
Сојузот на математичари на Македонија по шести пат ја организира Есенската математичка школа за учениците од основните и средните училишта од целата држава. Оваа година предавањата на школата ќе бидат во два дела – редовна настава и олимписка математика.
Учесници (редовна настава): ученици од 4 до 9 одд. и ученици од 1 до 4 год.
Датуми на предавањата (редовна настава): 19, 26 октомври, 2, 9 и 16 ноември 2024 год.
Датум на полагање завршен тест (редовна настава): 1 декември 2024 год.
Место (редовна настава): Природно-математички факултет, Скопје
Делот од школата именуван како редовна настава е наменет за сите ученици кои ја сакаат математиката и сакаат да ги откриваат убавините на математиката со продлабочување на постоечките знаења и стекнување нови знаења и вештини. Секој редовен ученик-учесник на Школата ќе добие сертификат за учество, а најдобрите на завршниот тест ќе добијат и дипломи за постигнатиот успех на тестот.
Учесници (олимписка математика): ученици од 7 до 9 одд. и ученици од 1 до 4 год.
Датуми на предавањата (олимписка математика): 23, 30 ноември, 14, 21 и 28 декември 2024 год.
Место (олимписка математика): Природно-математички факултет, Скопје
Делот од школата именуван како олимписка математика е наменет за учениците кои се натпреваруваат по математика, добитници се на награди на државните натпревари по математика и сакаат да стекнат вештини и знаења потребни за натпреварите од олимписки карактер. Секој редовен ученик-учесник на Школата ќе добие сертификат за учество.
Термини на предавањата:
- 10:00 – 11:45 ПРЕДАВАЊА
(2 часа од по 45-50 мин. и една пауза од 5-10 мин. околу 11:00 часот) - 11:45 – 12:15 УЖИНКА (30 мин)
- 12:15 – 14:00 ПРЕДАВАЊА
(2 часа од по 45-50 мин. и една пауза од 5-10 мин. околу 13:00 часот)
Предавачи на школата:
- 4 одд. (19.10.-16.11.2024)
Во светот на природните броеви, проф. д-р Ирена Стојковска, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Програма: Декаден запис на природен број. Пребројување на множества од природни броеви. Нумерирање со природни броеви. Бројни изрази, пресметување и составување. Решавање на проблемски задачи во множеството на природни броеви.
Математички работилници, проф. д-р Анета Гацовска-Барандовска, асс. м-р Ерблина Зеќири - 5 одд. (19.10.-16.11.2024)
Дропки и проценти, асс. м-р Ерблина Зеќири, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Програма: Дефинирање на дропки како дел од целина, операции со дропки со ист и различен именител. Споредување и подредување на дропки. Неправилни дропки. Текстуални задачи со дропки. Определување на проценти како дел од целина. Претставување на дропка во процент. Операции со проценти. Текстуални задачи со проценти.
Математички работилници, проф. д-р Ирена Стојковска, проф. д-р Марија Михова - 6 одд. (19.10.-16.11.2024)
Решавање на проблемски задачи со метод на равенки, проф. д-р Анета Гацовска-Барандовска, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Програма: Математички јазик, видови математички знаци. Бројни и алгебарски изрази. Операции во множеството природни броеви. Редослед на операции. Линеарни равенки со една непозната. Множество решенија на равенка. Проблемски задачи – размер, проценти, дропки. Равенки со две непознати. Решавање равенки во множеството природни броеви.
Деливост во множеството природни броеви, проф. д-р Делчо Лешковски, Меѓународен Балкански Универзитет, Скопје
Програма: Поим за делење и делење со остаток. Поим за деливост. Признаци за деливост. Прости и сложени броеви. НЗД и НЗС. Разни задачи. - 7 одд. (19.10.-16.11.2024)
Бројни и алгебарски изрази во множеството рационални броеви, проф. д-р Катерина Хаџи-Велкова Санева, Институт за математика и физика, Факултет за електротехника и информациски технологии, Скопје
Програма: Рационални броеви и операции со рационални броеви. Бројни изрази во множеството рационални броеви. Степен со показател природен број, операции со степени. Алгебарски изрази. Видови алгебарски изрази. Цели рационални изрази (полиноми). Операции со полиноми. Формули за скратено множење. Проблемски задачи со бројни и алгебарски изрази.
Триаголник, м-р Јасмина Маркоска, професор по математика, СУГС „Георги Димитров“, Скопје
Програма: Средна линија на триаголник. Тежишна линија на триаголник. Висина во триаголник. Опишана и впишана кружница во триаголник. Складност на триаголници. - 8 одд. (19.10.-16.11.2024)
Вовед во теорија на броеви, проф. д-р Делчо Лешковски, Меѓународен Балкански Универзитет, Скопје
Програма: Деливост на цели броеви. Основни својства на деливоста. Теорема за делење со остаток. НЗД, НЗС и заемно прости броеви. Прости броеви. Основна теорема на аритметиката. Конгруенции. Основни својства на конгруенциите. Теореми на Ферма и Ојлер. Разни задачи.
Елементи од математичката логика, проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Програма: Искази. Конјункција, дисјункција, негација. Импликација, еквиваленција. Исказни формули. Логички закони. Електрични склопови со прекинувачи. Правила за изведување заклучоци. - 9 одд. (19.10.-16.11.2024)
Стереометрија, проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Програма: Аксиоми. Геометриски тела. Плоштина и волумен на геометриски тела.
Неравенки и неравенства, проф. д-р Катерина Хаџи-Велкова Санева, Институт за математика и физика, Факултет за електротехника и информациски технологии, Скопје
Програма: Поим за неравенка, видови неравенки. Решение на неравенка. Решавање линеарни неравенки со една непозната и неравенки кои се сведуваат на линеарнa. Решавање дробно-рационални неравенки со една непозната. Системи линеарни неравенки со една непозната. Неравенства и нивни особини. Докажување на основни неравенства. Неравенства помеѓу средини и нивна примена. - 1 и 2 год. (19.10.-16.11.2024)
Методи за решавање равенки и неравенки, м-р Јасмина Маркоска, професор по математика, СУГС „Георги Димитров“, Скопје
Програма: Линеарни, квадратни, рационални и ирационални равенки и неравенки. Систем и вкупност на равенки и неравенки.
Неравенства во геометрија, проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Програма: Неравенства меѓу елементите на геометриските фигури. Задачи за максимум и минимум. - 3 и 4 год. (19.10.-16.11.2024)
Решавање комбинаторни задачи со генераторни функции, проф. д-р Марија Михова, Институт за теориски основи на информатика и пресметковно инженерство, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Скопје
Програма: Низи и суми. Основни техники во броење. Дефиниција на генераторни функции и основни генераторни функции. Решавање задачи од броење со генераторни функции. Решавање рекурзивни равенки со помош на генераторни функции. Докажување идентитети со помош на генераторни функции.
Елементи од финансиска математика, асс. м-р Стево Ѓоргиев, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Програма: Низи, прогресии и примени. Видови камати. Просто и сложено вкаматување. Сегашна и идна вредност. Временска вредност на парични текови. Хартии од вредност. Инвестиции. Амортизација. - Олимписка математика 7 одд. – 4 год. (23.11.-28.12.2024)
Ниво: почетно до средно
Олимписка математика: Комбинаторика, Filip Mihov, MSc in Computer Science, University of Oxford, UK
Програма: Пристап кон решавање на комбинаторни задачи. Обзервации. Учење преку (правилно) читање решенија. Графови и задачи со графови. Алгоритамски задачи.
Олимписка математика: Геометрија, асс. м-р Илија Јовчески, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Програма: Решавање на задачи само со помош на агли – Основни својства за агли: агли на трансферзала, агли со заемно нормални краци, периферни агли во кружница. Некои теореми што се докажуваат само со користење на агли. Решавање на олимписки задачи со користење на тетивни четириаголници (четири или повеќе точки на една кружница), колинеарност (три или повеќе точки на права). Решавање на олимписки задачи со дефинирање на помошна точка (точки). Решавање на олимписки задачи со двојно дефинирање на точка. Решавање на олимписки задачи со комбинација на претходните методи.
Краен рок за пријавување: 7 октомври 2024 год.
Начин на пријавување: Пријавувањето на Школата се извршува исклучиво преку формата за пријавување на следниот линк или на копчето „Пријави учество“ на крајот од ова соопштение.
Известување за прием на школата: 9 октомври 2024 год.
Котизација за учество (редовна настава 19.10-16.11.2024): 5.000,00 ден.
Во котизацијата се вклучени: 20 часа предавања, завршен тест, материјали за школата и ужинка во деновите со предавања.
Котизација за учество (олимписка математика 23.11-28.12.2024): 6.000,00 ден.
Во котизацијата се вклучени: 20 часа предавања, материјали за школата и ужинка во деновите со предавања.
Котизацијата за учество на двата дела од школата (19.10-28.12.2024): 10.000,00 ден.
Котизацијата треба да се уплати до 14 октомври 2024 година на жиро сметка: 300000001276071, банка: Комерцијална банка А.Д.-Скопје, примач: Сојуз на математичари на Македонија, уплатувач: име, презиме, училиште и одделение на ученикот-учесник, цел на дознака: Котизација за Есенска математичка школа 2024. По уплатата на котизацијата треба да пратите копија од уплатата на ems2024smm@gmail.com, најдоцна до 15 октомври 2024 година.
Раководител на школата: проф. д-р Ирена Стојковска, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Лице за контакт: м-р Милена Мицковска, Институт за математика, Природно-математички факултет, Скопје
Адреса за контакт: ems2024smm@gmail.com
Главен поддржувач на Есенската математичка школа 2024 е Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.