„Global Macedonians“ ја направи најголемата донација досега на Сојузот на математичари на Македонија (СММ), придонесувајќи со 2.900 евра, собрани од македонски професионалци ширум светот, за решавање на финансиските предизвици. Со оваа значајна финансиска поддршка ќе се покријат речиси сите патни трошоци за младите македонски математичари кои учествуваа на 65-тата Меѓународна математичка олимпијада (ИМО 2024), овозможувајќи им да ги покажат своите вештини и знаења на меѓународната сцена и да се натпреваруваат рамо до рамо со најдобрите математичари во светот.
Сакаме да изразиме голема благодарност до Global Macedonians за нивната поддршка на овие млади математичари!
Кои се Global Macedonians?
„Global Macedonians“ е непрофитна, неполитичка организација основана во Цирих, Швајцарија, со визија да поддржува и поврзува професионалци во дијаспората. Оваа организација има за цел да создаде платформа каде што сите, без разлика каде живеат и работат, можат да се вмрежуваат, споделуваат знаења и искуства, и да се ангажираат во активности кои ќе помогнат во унапредување на нивната заедница, како и во нашата држава, така и на глобално ниво.
Иако постојат само неколку месеци, веќе активно соработуваат со македонски стартапи, организираат настани за вмрежување и поддршка на македонски студенти во странство, како и на различни проекти за општествено добро. Со својата работа во овие рани фази, тие покажуваат посветеност и ентузијазам за да се направи реална разлика и да се поддржат младите таленти и претприемачи во Македонија.
Нивната работа е фокусирана на три главни области: бизнис, образование и општествено добро. Тие веруваат дека преку заедничка работа и поддршка, можат да го зголемат своето влијание и да придонесат за позитивни промени.
Како да се приклучите?
Доколку ова звучи интересно и сакате да бидете дел од оваа заедница, или пак познавате некој што би бил заинтересиран, можете да се придружите овде или да го споделите линкот: https://globalmacedonians.org/join-us