ПРВ МЕМОРИЈАЛЕН НАТПРЕВАР „АЛЕКСАНДАР БЛАЖЕВСКИ-ЦАНЕ“

Во знак на почит кон нашиот прерано починат колега Александар Блажевски, денеска (17.11.2019) во математичкиот амфитеатар при ПМФ-Скопје се одржа Првиот Меморијален Математички Натпревар „Александар Блажевски – Цане“. Учество на натпреварот зедоа најдобрите 24 млади македонски натпреварувачи, оние кои се покажаа како најуспешни во минатогодишниот циклус на натпревари организирани од СММ. Александар беше еден од првите македонски олимпијци, победник на Првата Македонска Математичка Олимпијада, освојувач на златен медал на Втората Македонска Математичка Олимпијада, и повеќекратен државен првак по математика и информатика. Во својата извонредно успешна натпреварувачка кариера меѓу другото освои и втора награда на Сојузен натпревар по математика (во поранешната СФРЈ), а се закити и со три бронзени медали на Интернационалните Математички Олимпијади. Еден е од малкумината македонски олимпијци кои успеал да освои 7 поени на шеста задача на ИМО. Тој беше срдечен колега и пријател за пример. Секогаш ведар и позитивен, полн со ентузијазам. Луциден и без влакна на јазикот, беше длабоко ценет од математичката фела поради неговата автентичност и вонсериски талент. Ќе остане вечно во нашите сеќавања. Замина на 42 години, но неговите бројни успеси остануваат да се паметат. Почивај во мир драг пријателе!